Admir Fazlagic
02 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас, кој е прв грчки премиер што престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Собранието на Северна Македонија, претседателот Џафери „оценувајќи ја средбата како историска, упати честитки до Ципрас и Заев за храброста и за преземените чекори со кои се надмина деценискиот спор меѓу двете држави и на тој начин се отвори патот за евроатлантска интеграција на Република Северна Македонија, стратешка определба на државата и мнозинството нејзини граѓани."
„Како парламент, ги поддржуваме сите напори за преточување на договорната соработка во конкретни проекти, кои очекуваме да добиваат на интензитет во иднина", истакнал претседателот Џафери.
Тој укажал на фактот дека по стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи и во таа насока ги информираше присутните за упатената покана до неговиот колега Николаос Вуцис да оствари билатерална посета на Република Северна Македонија, како и за упатеното барање до грчка страна за формирање на група за пријателство во Грчкиот парламент со Собранието на Република Северна Македонија.
„Премиерот Ципрас, заблагодарувајќи се за дадената поддршка, истакна дека во изминатиот период се донесоа големи одлуки и се преземаа големи чекори, и во тој контекст, му честиташе на претседателот Џафери за смиреноста во водењето на институционалната постапка во однос на Договорот од Преспа, што го оцени како тежок процес и за Собранието на Република Северна Македонија и за Парламентот на Грција", се вели во соопштението.
Се наведува дека Ципрас изразил жалење за тридецениската празнина меѓу двата парламента и искажа очекување дека Договорот отвора можност за пополнување на таа празнина.
Тој го информирал претседателот Џафери за прифатената понуда од страна на претседателот на Парламентот на Грција, Николаос Вуцис и изрази надеж дека истата наскоро ќе биде реализирана.
Исто така, изразил поддршка на формирањето на група за пријателство во Грчкиот парламент, која ќе овозможи размена на идеи и искуства и зближување меѓу пратениците од двете држави, што ќе придонесе за зближување и на граѓаните од двете земји.
„Премиерот Ципрас упати особени честитки до коалиционата влада и особено до претседателот Џафери како претставник на албанскиот елемент во земјата за соодветното претставување на неговите интереси, како и во однос на можноста за користење на албанскиот јазик како официјален јазик во Собранието на Република Северна Македонија", се додава во соопштението.
„Владата на Република Грција презема чекори за поддршка на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, бидејќи верува дека тоа е патот кој ќе обезбеди мир и стабилност што е важно и за народите на овие земји", нагласи Ципрас.
Тој го уверил претседателот Џафери дека Грција ќе даде сериозна поддршка и ќе биде партнер од доверба во остварувањето на стратешките цели на Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа и Атанасија Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Република Грција и амбасадорот Димитрис Јанакакис, како и Ирена Стефоска, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Грција и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи во Владата на Република Северна Македонија.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, каде што пред Владата беше пречекан од премиерот на оваа земја, Зоран Заев и од владината делегација. По средбата на делегациите на двете земји, двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција.
Во рамките на посетата, Ципрас и Заев присуствува и на бизнис-форумот Северна Македонија-Грција во Скопје.