İlyas Gün
02 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
САМСУН (AA) - Патник кој се возеше со трамвај во турскиот град Самсун со мобилен телефон фотографираше хуман гест на едно момче кон дете од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, Емре Енес Косе, ученик, на социјалната мрежа сподели фотографии на кои се гледа дека непознато момче на дете од Сирија, кое е без обувки, му ги подари сопствените чевли.
Косе за АА рече дека патувал со трамвај и дека во еден момент видел дека во трамвајот влегле две деца од Сирија, за кои мисли дека имале 11-12 години.
Еден од нив имал искинати чевли, додека другиот бил без обувки.
„Ги гледав. Во еден момент пријде некое момче и ги соблече чевлите кои ги носеше и ги даде на сириското дете, кое во прв момент не сакаше да ги земе, но подоцна се согласи откако момчето инсистираше. Времето беше дождливо. Момчето кое му ги подари чевлите на детето остана само во чорапи", раскажа Косе.
Истакна дека бил многу воодушевен од сцената која ја забележал.
„Навистина тоа е нешто прекрасно. Драго ми е што го овековечив тој момент. Дури не ни очекував дека нешто такво ќе се случи. Бев воодушевен, како и сите други патници во трамвајот", рече Косе.
Фотографиите кои ги објави на социјалните мрежи во многу краток период привлекоа големо внимание на јавноста.
Градот Самсун исто така изрази благодарност до момчето за хуманиот гест, а вети дека на спомнатите деца од Сирија ќе им ја обезбеди потребната помош.