КИЛИС (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Војната во Сирија и во другите земји од Блискиот Исток која сè уште трае, ги принуди жителите од овие земји да ги остават своите домови, имоти, и да избегаат од насилството и страдањата, но и да се изборат за подобро утре.
Поради овие причини со години наназад милиони бегалци од Сирија го бараат патот на надежта, бараат засолниште каде што ќе се чувствуваат безбедни, сигурни, но и место каде што ќе биде сочувано она највредното – човечкото достоинство.
На тој пат, бегалците имаа надеж дека светот ќе ја разбере нивната болка, но сепак, многу малку од земјите ја разбраа суштината на нивниот проблем и покажаа солидарност.

Наспроти западно-европските земји кои сè уште не примија бегалци според квотите на кои се обврзаа, познато е дека Република Турција е домаќин на повеќе од 3,5 милиони сириски бегалци, со што оваа држава е прва во светот по бројот на примени бегалци.
Еден дел од нив се примени во Килис, каде што е изграден бегалскиот камп „Елбејли“ со сите потребни услови за живеење.
Овој бегалски камп го посети и уредничкиот тим на Сервисот на македонски и Сервисот на албански јазик на Anadolu Agency (AA), кој беше дел од делегацијата на АА на уредниците на меѓународните сервиси од оваа агенција.
Моментално во бегалскиот камп престојуваат околу 13.000 бегалци, од кои според информациите на службите од овој камп околу 7.000 се деца, а од останатиот дел повеќето се жени.
За разлика од бегалските кампови во другите земји, во кои недостасуваат многу нешта за задоволување на основните човекови потреби, во кампот во Килис на прв поглед може да се забележи нешто поинакво.
Имено, тука на бегалците им се обезбедени сите потребни услови за пристоен живот. Тие добиваат здравствена помош и нега, храна, образование и едукација, курсеви, градинка за деца, детски игралишта и игротеки, а има и фризерски и козметички салон за жените.
Владата на Република Турција со своите надлежни министерства, агенции и други институции направи бројни програми во кои се вклучени различни проекти со кои обезбеди достојни услови за престојување во бегалските кампови.
На влезот од бегалскиот камп во Килис, град кој се наоѓа во југоисточна Турција, во близина на границата со Сирија, освен надлежните лица, со насмевка на лицето и раширени раце за прегратка нè дочекаа децата бегалци. Од сјајот во очите на овие деца се гледа копнежот за внимание и беспрекорна љубов што му е потребна на секое дете на овој свет.
Џагорот на децата додека играат и се забавуваат на момент ве оттргнува од помислата за она што го преживеале.
Тие учат, играат, пеат, рецитираат песни и живеат во својот шарен свет, каков што само децата можат да го замислат. За разлика од порано, тие сега се засолнети на место во кое не го чувствуваат мирисот на барутот, звукот на огненото оружје, играјќи и растејќи безгрижно, без да размислуваат што ќе донесе утрешниот ден.
Надлежните во кампот нè информираат дека 680 деца одат во градинката во рамките на бегалскиот камп, каде што се спроведува соодветна образововна и забавна програма.
- Курсеви за жените бегалци, можност за едукација и бизнис -Освен програми за децата, во кампот се спроведуваат различни програми за жените кои се самохрани мајки.
Кога дошле во бегалскиот камп тие не знаеле да работат на машините за обработка на ткаенини и различни текстилни материјали, но по спроведување на курсот за стекнување професионални вештини, се стекнале со знаење со кое можат да заработат пари, произведувајќи различни текстилни материјали и ткаенини.

Покрај тешките животни околности и бегалскиот живот, тие се обидуваат преку развојните програми да се интегрираат и социјализираат во општеството, бидејќи само така ќе можат да обезбедат развој на своите семејства.
- Човечноста сè уште постои -
Посетата на бегалскиот камп во Килис поради соодветните услови за престојување на бегалците, и братскиот пристап кон нив што го имаат претставниците на турските надлежни институции за момент влева надеж дека човечноста сè уште живее и постои.
Начинот на кој е опремен овој камп и начинот на кој се згрижени бегалците претставува пример како треба да се однесува кон угнетените, немоќните и кон оние на кои помошта најмногу им е потребна.
Во нашата меморија ќе останат врежани насмевките на децата, сјајот во нивните очи во кои живее желбата за живот. Живот во кој страдањата ќе бидат минато, а иднината посветла.