ИСТАНБУЛ (АА) - Прекинатата фудбалска сезона во Европа повторно започнува. Националната лига во Шпанија продолжува на 11 јуни, во Турција на 12, во Англија на 17 и во Италија на 20 јуни, но без публика, пишува Агенција Анадолија (АА).
По речиси 3-месечен прекин поради мерките за превенција од ширењето на новиот тип коронавирус, од 5-те најголеми лиги во Европа, само во Германија натпреварите започнаа на 16 мај, додека во Франција фудбалските лиги се регистрирани за завршени, а Париз Сен Жермен е прогласен за шампион на француската национална Лига 1.
Во преостанатите 8 кола на другите национални лиги, натпреварувачките екипи ќе имаат можност за замена на 5 играчи.
Додека натпреварите во Германија продолжуваат да се играат без публика, и на средбите во Шпанија, Англија, Италија и Турција нема да биде дозволен влез за навивачите.
Русија соопшти дека во продолжението на фудбалското национално првенство ќе се дозволи влез на мал број гледачи. Во соопштението се истакнува дека е донесена одлука на натпреварите да биде дозволен влез на навивачи од 10 % од вкупниот капацитет на стадионот. Прекинатото руско национално фудбалско првенство поради пандемијата на коронавирусот ќе продолжи на 21 јуни.
- Шпанска Ла лига -
Националното фудбалско натпреварување на Шпанија, кое поради пандемијата на новиот тип коронавирус беше прекинато на 10 март, ќе продолжи на 11 јуни без публика.
Почнувајќи од четврток, 20 екипи од шпанското фудбалско првенство ќе ги започнат напреварите од 28. коло. Според досега одиграните натпревари, Барселона се наоѓа на врвот од шпанската Ла Лига со 58 бода, а зад неа следува Реал Мадрид со 56.
Првиот натпревар на шпанската лига по подолга пауза во четврток ќе го одиграат Севиља и Реал Мадрид. Лидерот Барселона во сабота ѝ гостува на Мајорка, додека Реал Мадрид во недела на свој терен ќе го пречека Еибар.
На 10 март, кога беше донесена одлука натпреварите во шпанската лига да се играат без публика, во земјата беа регистрирани над 1.200 позитивни на вирусот и 31 смртен случај.
Во времето кога Ла Лига беше прекината, бројот на починати како последица на Ковид-19 изнесуваше 86, а вкупниот број на лица кај кои е детектиран вирусот беше искачен на 3.100.
Во последните денови пред почетокот на шпанската фудбалска лига регистриран е голем пад на смртните случаи и лицата позитивни на Ковид-19.
- Англиска Премиер лига -
Пандемијата на Ковид-19 беше причина натпреварите во англиската Премиер лига да бидат прекинати на 13 март, а одлучено е да продолжат на 17 јуни.
Дваесет екипи од Премиер лигата ќе ги играат натпреварите од 30. коло. На 9 кола пред крајот на првенството, на чело на табелата во Премиер лигата се наоѓа Ливерпул, кој има значителна предност во однос на своите конкуренти за шампионската титула. Ливерпул е првопласиран со 82 бода, а второпласиран е Манчестер Сити со 57 бода.
Во првата етапа, фудбалерите ги започнаа тренинзите во мали групи, додека во втората фаза им беше дозволен тренинг со контакт.
Оваа недела пандемијата на новиот тип коронавирус во Англија на дневно ниво во просек е причина за смртта на повеќе од 100 лица и има повеќе од 1.000 лица позитивни на Ковид-19.
- Италијанска Серија А -
Поради тешките последици што пандемијата на Ковид-19 ги предизвика во Италија, националната фудбалска лига беше прекината на 9 март.
Националната фудбалска федерација пред кусо време даде зелено светло за продолжување на фудбалските лиги, почнувајќи од 20 јуни.
Серија А, која е составена од 20 тимови, продолжува со натпреварите од 26. коло. На лидерската позиција на табелата се наоѓа Јувентус со 63 бода, а на втората позиција е Лацио со 62 бода.
На 9 март, кога беше прекината Серија А, бројот на смртни случаи на ниво на Италија изнесуваше 463, додека бројот на лица позитивни на Ковид-19 изнесуваше 9.172.
Досега во Италија се регистрирани повеќе од 34 илјади смртни случаи, а позитивни на тестот за новиот тип коронавирус биле над 235 илјади.
Во последните денови во Италија од последиците предизвикани од Ковид-19 во просек умираат по 70 лица.
- Турска Супер лига -
И во Турција поради пандемијата на Ковид-19 беше прекината фудбалската сезона 2019/2020 и по речиси 3 месеци во петок таа ќе продолжи.
Во последните 8 кола, тимот на Трабзонспорт влегува како лидер на табелата со 53 бода, колку што има и неговиот конкурент за лидерската позиција, тимот на Медипол Башакшехир. Следуваат Галатасарај со 50 и Демир Груп Сивасспор со 49 бода.
По првите детектирани позитивни случаи на Ковид-19, Премиер лигата беше прекината по 42 дена, Бундеслигата по 38, Ла Лигата по 41, Лига 1 по 52, а Серија А по 39 дена. Турското фудбалско превенство беше прекинато 8 дена по детектирањето на првиот случај на Ковид-19.
Во периодот кога беа прекинати фудбалските натпревари, во Италија беа регистрирани 463 смртни случаи, во Шпанија 86, во Франција 33, а во Турција првиот смртен случај.
news_share_descriptionsubscription_contact
