Muhammed Enes Çallı
30 Март 2020•Ажурирај: 31 Март 2020
АНКАРА
Професионалните спортисти на Барселона, вклучувајќи ги и фудбалерите, се согласија на намалување на платите, за да можат да се исплатат и платите на комплетниот помошен и технички персонал на тој каталонски спортски колектив, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Раководството на ФК Барселона, членовите на сите спортски тимови на клубот и поголемиот дел од кошаркарите постигнаа договор за намалување на нивните плати за време на периодот на вонредна состојба, како последица на Ковид-19“, се вели во соопштението на клубот.
На фудбалерите платите ќе им бидат намалени за повеќе од 70 отсто, а клубот со дополнителни заштеди ќе обезбеди полна исплата на платите на комплетниот неспортски персонал на клубот.
Шпанија е една од најпогодените земји од пандемијата на коронавирусот, со вкупно 7.340 потврдени смртни случаи предизвикани како последица на вирусот Ковид-19 и речиси 85.200 детектирани случаи на заразување.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 177 земји и региони низ светот. Од последиците предизвикани од овој вирус во светот починаа вкупно 35.019 лица, а детектирани се над 750.000 случаи на заразени со Ковид-19.