Mümin Altaş
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Бројот на случаи со сојот Делта на Ковид-19 во Турција постепено се зголемува, слично на неговото ширење низ целиот свет, достигнувајќи околу 750 регистрирани случаи, изјави турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коџа имаше обраќање по состанокот на Кабинетот во претседателскиот комплекс во Анкара, каде што даде одговори на прашањата на новинарите за ситуацијата со Ковид-19 во земјата.
Турскиот министер истакна дека властите не сакаат да ја направат вакцинацијата задолжителна туку да ја убедат јавноста за важноста на имунизацијата. Но, посочи дека нема улога во одлуката за пристапот на приватните институции во врска со ова прашање.
Нагласувајќи дека Турција има зацртано цел за вакцинирање на 70 отсто од населението со најмалку една доза, Коџа рече дека речиси 61 отсто од населението на возраст од 18 години и нагоре веќе има примено една доза.
Во однос на сојот Делта на коронавирусот, кој потекнува од Индија, Коџа рече дека бројот на случаи во Турција е околу 750 и дека е откриен во 36 турски области, додавајќи дека регистрирани се и три случаи на таканаречената варијанта Делта плус, мутација на сојот Делта, во три области.
Според министерот, намалувањето на бројот на случаи со Ковид-19 неодамна е забавено, и не се исклучува можноста од зголемување на бројот на заразени. Поради тоа ја истакна важноста на вакцинацијата кај населението бидејќи зголемувањето на бројот на случаи е најочигледно во градовите со релативно помал број на вакцинирани лица.
Во врска со прашањето дали ќе има нови ограничувања или карантини на повидок, Коџа рече дека засега здравствените власти не се залагаат за ваков пристап и дека очекуваат населението да ги почитува препорачаните мерки како што се носењето маски и одржување на физичка дистанца.
Изјавувајќи дека во моментов нема видливи знаци за четврт бран на пандемијата, тој предупреди дека тоа не значи дека не е можно да се случи во иднина и дека таа можна закана може да се елиминира само со интензивирање на вакцинацијата.
Коџа рече дека имунизацијата на 70, па дури и на 80 отсто од населението е од суштинско значење за враќање во периодот пред пандемијата.
Турскиот министер преку Твитер објави и дека бројот на администрирани дози на вакцините во Турција ја помина границата од 59 милиони.