Nazlı Yüzbaşıoğlu
15 Мај 2020•Ажурирај: 16 Мај 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу соопшти дека поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) од 114 земји во Турција се вратени околу 70.000 турски државјани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу беше гост на програмата на „А Хабер" (A Haber) и во таа пригода потсети дека Турција воведе значителни мерки и одлуки во борбата против коронавирусот.
„Благодарејќи на Министерството за здравство и нашиот персонал, станавме земја модел кога станува збор за здравјето во светот и борбата против коронавирусот", рече Чавушоглу.
Се осврна и на фактот дека Турција до денес настојувала да им помогне на сите кои од неа тоа го барале, било да станува збор за нејзините државјани или странци и на другите земји.
„До денес од 114 земји во земјата вративме околу 70.000 наши граѓани и ги ставивме во карантин. На повеќето, секако, тој период истекна и отидоа во своите домови", рече Чавушоглу.
Порача дека странските претставништва на Република Турција, координацискиот центар во рамките на турското МНР и кол-центарот кој е активен 24/7, е на услуга на своите граѓани.
„Во нашиот кол-центар одговоривме на секој повик, кој, само во врска со коронавирусот, го упатиле повеќе од 90.000 наши граѓани. Само од моите профили на социјалните мрежи на социјалните мрежи јас и моите пријатели одговоривме и сослушавме 15.000 наши граѓани", рече Чавушоглу.
Потсети и на оние граѓани кои не добивале соодветна или никаква здравствена помош во земјите во кои се наоѓаа и дека за нив итно се испратени амбулантни авиони.
„Оваа година, највеќе во последно време, 33 наши државјани во земјата ги префрливме со амбулантен авион и ги лекуваме", рече Чавушоглу.
Потсети и дека во Турција се лекуваат одредени странци од другите земји, во кои здравствениот систем не е особено развиен.
„Во овој тежок процес, било во борбата против коронавирусот, било во медицинска опрема, било во евакуации, Турција стана пример. До денес 135 земји од нас побараа медицински средства, што е повеќе од две третини земји во светот. Тоа покажува колку Турција е доверлива земја, добар и веродостоен снабдувач. До денес, барем делумно, бидејќи е невозможно да се одговори на сите барања, одговоривме на барањата на 80 земји", рече Чавушоглу.