Ahmet Gürhan Kartal
29 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
ЛОНДОН (АА) - Петицијата за забрана на официјалната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Велика Британија ја потпишаа над 130.000 Британци, а сега се очекува по тоа прашање да се разговара во Долниот дом на британскиот Парламент (House of Commons), јавува Anadolu Agency (AA).
До денес во 12 часот онлајн петицијата за забрана на официјалната посета на Трамп на Велика Британија беше потпишана од над 130.000 граѓани на таа земја, а ова прашање да биде вклучено во дневниот ред на Долниот дом, потребно е да се соберат најмалку 100.000 потписи.
Петицијата „Да ја спречиме официјалната државна посета на Доналд Трамп на Велика Британија“ беше покрената по низата контроверзни одлуки кои Трамп ги потпиша по влегувањето во Белата куќа.
„На претседателот на САД треба да му се дозволи влез во Велика Британија во својство на шеф на државата, но не треба да биде повикан во официјална посета бидејќи тоа би било непријатно за кралицата“, се наведува во петицијата.
Трамп најмногу критики во Велика Британија предизвика со одлуката за забрана на влез на мигранти во САД.
Портпаролот на британската влада денес соопшти дека премиерката Тереза Меј не се согласува со одлуката на Трамп за забрана на влез на мигранти во САД, а оваа изјава уследи набргу по враќањето на премиерката од Турција, каде што отпатува по посетата на Вашингтон.
Таа лично во текот на двете посети не ги осуди потезите на Трамп, предизвикувајќи критики во јавноста и медиумите во Велика Британија.
За време на нејзината дводневна посета на Вашингтон, премиерката Меј му ја предаде на Трамп поканата на кралицата за официјална посета на Лондон.
Во петицијата се наведува и дека Трамп е женомразец и вулгарен човек и дека поради тоа не може да се состане со кралицата и со другите членови на кралското семејство.
„Поради сето ова, Доналд Трамп во текот на мандатот како претседател на САД не треба да биде поканет во официјална посета на Велика Британија“, се наведува во петицијата.
И минатата година половина милион Британци потпишаа слична петиција за забрана на влез на Доналд Трамп во Велика Британија. Оваа петиција беше организирана во пресрет на минатогодишните ноемвриски претседателски избори во САД, на коишто Трамп ја победи својата противкандидатка Хилари Клинтон. Таа петиција не доби формален епилог во британскиот Парламент.