Ivana Ramadanova
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комуникацијата меѓу граѓанските организации и Собранието забележува мал напредок, но она што е потребно за поголем успех е поголема посветеност и работа со двете засегнати страни, порачаа од Фондацијата за демократија на Вестминстер на денешната конференција на тема „Соработката меѓу Собранието и граѓанските организации од аспект на законодавни иницијативи што се однесуваат на различни човекови права“, јавува Anadolu Agency (AA).
Оттаму велат дека граѓанските организации, кои имаат познавања од областа со која се занимаваат, не знаат како тоа да го преточат во конкретен предлог-закон, а пратениците немаат премногу желба да се отворат кон јавноста.
Тие сметаат дека има механизами за учество на невладиниот сектор во Собранието и оти сега постои позитивен момент којшто треба да се искористи за да се надоградат овие механизми.
„Проблемот се наоѓа кај двете страни. Од една страна се граѓанските организации, каде што генерално се забележува дека иако имаат познавања од темата и се засегнати со проблемот што го застапуваат, сепак, не знаат како тоа да го преточат во конкретен предлог-закон и ефективно да искомуницираат со пратениците. Од друга страна се пратениците со кои треба да се работи на воспоставување практика и увидување на користа од употребување на експертизата на НВО за креирање подобри закони“, изјави Ивана Петкуќеска од Фондацијата за демократија на Вестминистер.
Гордан Георгиев, поранешен пратеник и експерт во проектот, смета дека прогресот во комуникацијата меѓу Собранието и граѓанските организации е скромен затоа што Парламентот има конзервативна структура и пратениците немаат премногу желба да се отворат кон јавноста, но со тек на време ќе се зголеми интересот на граѓаните да се вклучат во работата на Парламентот, а пратениците ќе имаат позитивна повратна реакција.
Според пратеникот Павле Богоевски, кој е поранешен член на невладиниот сектор, клучниот проблем лежи во недоволната комуникација меѓу пратениците и граѓанските организации.
„Патот од граѓанска иницијатива до конкретен законски текст не е ниту брз, ниту едноставен, ниту може да биде направен преку ноќ. Невладините организации ќе го направат својот предлог и потребните истражувања, но на крајот на денот, сепак, треба да ги убедат пратениците дека нивниот предлог е оној што треба да биде ставен во законскиот текст“, вели Богоевски.
На конференцијата учествуваа и претставници од Здружението за поддршка на лица со Вилсонова болест – Вилсон Македонија, Институтот за човекови права, Млади европски федералисти (ЏЕФ) и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ кои побараа измени и дополнувања на различни закони, како и носење нови закони.