Selçuk Acar
06 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за укинување на имиграциската програма ДАЦА, во САД беа одржани протести, јавува Anadolu Agency (AA).
Со оваа програма, од депортација се штитени речиси 800.000 имигранти, поголемиот дел по потекло од Латинска Америка, кои во земјата влегле по илегален пат, додека биле деца.
Трамп соопшти дека во рок од шест месеци програмата ќе биде укината, поради што, меѓу останатото, организирани се протести пред Белата куќа и во градовите Њујорк, Ланхам и Денвер.
Демонстрантите протестираа против одлуката на американскиот претседател, а изразија поддршка за програмата ДАЦА.
Во Њујорк живеат околу 42.000 имигранти кои имаа корист од споменатата програма, поради што првите демонстрации во тој град се организирани пред Трамп Тауер.
Њујоршката полиција приведе 34 демонстранти за кршење на јавниот ред и мир со тоа што седеле на патот и го оневозможиле одвивањето на сообраќајот.
Демонстрантот Стивен Санчез (26), со потекло од Колумбија, за АА изјави дека во САД дошле поради школување и оти укинувањето на програмата ќе влијае на него, неговото семејство и пријателите.
Пем Кампос-Палма, пред политичкото движење „Common Defense“ (Заедничка одбрана) потсети дека потекнува од имигрантско семејство од Хондурас и оти претходно десет години била дел од американските воздушни сили.
„Ова не е Америка на којашто ѝ служев додека бев во воздушните сили на САД. Трамп ја прави Америка помалку сигурна“, смета Кампос-Палма.
Во вечерните часови, околу илјада демонстранти се собраа и на плоштадот Фоли во Њујорк. Протестите ги поддржаа и државниот обвинител Ерик Шнејдерман и адвокатката на Њујорк, Летиција Џејмс. Демонстрантите извикуваа слогани: „Не за омразата, не за стравот“, „Имигрантите се добредојдени тука“.
Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, исто така ја поддржа програмата за којашто смета дека придонела за зајакнување на земјата.
„Укинувањето на ДАЦА е грешка“, изјави Обама кој смета дека депортацијата на имигрантите нема да ја намали стапката на невработеност, да ги намали даноците, ниту ќе ги зголеми надоместоците.