Alma Çekovic
26 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
САРАЕВО (АА) - Изјавите на официјалните претставници од босанскиот ентитет на Република Српска по вчерашниот референдум за 9 јануари како ден на Република Српска, потврдуваат дека тоа е пробен балон за некои други, идни референдуми, изјави Шефик Џаферовиќ, заменик-претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се работи за грубо кршење на Дејтонскиот мировен договор, за груба повреда на Уставот на БиХ. Откако Уставниот суд на БиХ ги суспендираше активностите на референдумот и забрани негово одржување, властите на Република Српска одржаа референдум. Тоа е повреда на Уставот на БиХ и на Дејтонскиот договор, и за тоа ќе мора да се сноси одговорност, како политичка така и кривична“, изјави Џаферовиќ.
„Законот за празниците на Република Српска мора да се усклади со одлуките на Уставниот суд“, изјави Џаферовиќ и повтори дека е време за одговорност, како кривична така и политичка, во спротивно, недостатокот на реакција ќе ги охрабри силите што го организираа и го спроведоа референдумот.
„Домашните институции на БиХ и меѓународните институции задолжени за имплементирање на Дејтонскиот мировен договор, сите институции што дејствуваат во овој аспект треба да реагираат, инаку недостатокот на реакции ќе ги охрабри силите што го организирале и го спровеле референдумот“, изјави Џаферовиќ.
Претседавачот на Домот на народите, Сафет Софтиќ, оцени дека тензиите околу референдумот ќе траат уште седум дена, до одржувањето на локалните избори, и дека Милорад Додиќ, претседателот на РС, ќе оствари одредена политичка цел која ќе биде сета цел што тој и РС ќе ја остварат од овој неуставен референдум.
„Цврсто сум убеден дека по сето ова ќе настапи трезнење, дека и оние што направија ваков циркус во БиХ ќе сфатат дека сериозно го нарушиле Дејтонскиот мировен договор, кој е меѓународен договор, дека земјите-потписнички и оние што на некој начин се гаранција и сведоци на овој меѓународен мировен договор имаат свои обврски кон него и дека по ваквото трезнење што ќе настапи, на крајот ќе заврши во правосудните клупи“, изјави Софтиќ.
Тој изрази надеж дека по „трезнењето“ и другите очекувани потези, европскиот пат на БиХ ќе биде продолжен и дека она што е последица на сето, ќе има најмало влијание на БиХ.