Furkan Abdula
24 Ноември 2022•Ажурирај: 25 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Со едногласна одлука на 42 земји членки, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во објава на Твитер во врска со членството напиша: „Ден за паметење“.
Османи, на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Јордан, Ајман Сафади, министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарес и високиот претставник и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, учествува на Седмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот што се одржува во Барселона, Шпанија.
Унијата за Медитеранот, формирана на првиот и инаугуративен Самит на претседатели на држави на Евромедитеранот, одржан во Париз на 13 јули 2008 година, претставува рамка за уредување на мултилатералните односи помеѓу ЕУ и медитеранските земји кои не се дел од ЕУ.