Feride Pelin İnal
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
ГАЗИАНТЕП (АА) – Вицепремиерот на привремената Влада на Сирија, Мухамед Веџих Џума изјави дека средбите во Астана ќе создадат основа за воспоставување мир во државата и политичко решение, јавува Anadolu Agency (AA).
Џума во изјава за АА рече дека додека трае примирјето во Сирија, луѓето нема да умираат и оти ќе се создаде добра можност повеќе луѓе да се вратат во своите домови. Тој додаде дека режимот на Асад, како и терористичките организации ДЕАШ и ПЈД се спротивставуваат на одлуката за примирје, а наспроти ова, водејќи ја најголемата борба, Турција заврши голема работа.
Тој истакна дека Турција посакува мир, стабилност и спокој за регионот и оти поради ова вложува големи напори за средбите во Астана.
„Овие средби ќе бидат подготовка за средбите што следат во претстојните денови во Женева. Средбите во Астана ќе бидат подготовка за мир и политичко решение. Турција е навистина решителна во обезбедувањето мир и стабилност во Сирија. Дури и има многу голем придонес во подготовките за Астана и за Женева. Се надевам дека и по започнувањето на мандатот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе се остварат предвидените планови на Турција и Сирија, и дека во најкраток можен рок ќе се вратат мирот, стабилноста и спокојот“, истакна Џума.
- „Русија сака да воспостави политичка супериорност во регионот“ -
Според Џума, Русија влезе во процесот на примирје благодарение на напорите на Турција.
„Всушност, Русија до пред некој ден ни ги бомбардираше куќите, ни ги масакрираше луѓето, но сега сака да премине од воена операција кон политичка. Од аспект на воен акт, го направи она што го сакаше. Го поддржа режимот на Асад. Ја употреби својата сила за свои интереси, но не за интересите на Асад. Сега сака да воспостави политичка супериорност во регионот“, рече Џума.
Мухамед Веџих Џума го окарактеризира претседателот на Сирија, Башар Ал Асад како најголемиот воен злосторник во светот и според него, нема да биде можно политичко решение со човек кој убил и изолирал толку многу луѓе.
Тој посочи дека, во врска со кризата во Сирија во претстојните денови ќе се премине во фаза на политичко решение и додаде оти, за да има вистинско решение најпрво ќе се остварат детални средби во Анкара, Москва и Астана, а потоа ќе се оформи решение.
„За оваа равенка, ние ѝ веруваме на Турција. За нас вистински гарант е Турција. Ако не беше Турција, не ќе можевме да веруваме на ниту една од страните. По средбите во Астана, на женевските средби сакаме придонес и од страна на Обединетите нации и САД“, заклучи Џума.