Michael Hernandez
30 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Соединетите Американски Држави (САД) би можеле лесно да ги обноват воените вежби со Јужна Кореја, но дека моментално нема причина за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп на Твитер напиша дека ја обвинува Кина за инертност во преговорите за процесот на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Обвинувајќи го официјален Пекинг дека на Пјонгјанг му доставува значителна помош во пари, гориво, ѓубриво и друго, Трамп порача дека тоа не придонесува кон целиот процес на стабилизација на состојбата во тој регион.
Трамп се пофали дека има добри односи со лидерите на Кина и Северна Кореја, но и се закани дека би можело да ги обнови воените вежби меѓу САД и Јужна Кореја, што ги сопре претходно и ги нарече многу провокативни воени игри.
„Можам веднаш да ги започнам овие воени вежби со Јужна Кореја, па и со Јапонија ако таа сака. Ако ова се случи, овие вежби ќе бидат далеку поголеми од кои било претходно“, рече Трамп.
Во вторникот, американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, им изјави на новинарите во Пентагон дека САД ги стопирале летните воени вежби со Јужна Кореја и дека не се планира спроведување нови.
Тој потврди дека таа одлука е знак на добрата волја што ја искажал Трамп по историскиот состанок со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Сингапур.
САД од крајот на Корејската војна спроведуваше заеднички воени вежби со Јужна Кореја и моментално во таа земја има 28.000 војници.