Hasan Esen
30 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
ЛОНДОН
Околу 200 милиони деца во светот се во опасност да станат деца војници во најсмртоносните воени зони, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот што го објави меѓународната хуманитарна организација „Спасете ги децата“ (Save the Children) е наведено дека во 2020 година околу 337 милиони деца биле во подрачја под контрола на вооружените групи и владините сили кои ги регрутирале децата.
Во извештајот е истакнато дека околу 200 милиони деца живеат во најсмртоносните воени зони во светот, а тој број е зголемен за 20 отсто во однос на претходната година.
Тие препорачуваат сторителите на тешките прекршоци да бидат изведени пред лицето на правдата за да се запре „оваа војна против децата“ и да се обезбеди пристап до образование на децата за да се заштитат од принудно повикување во војска.
Директорката на „Спасете ги децата“ (Save the Children), Ингер Ешинг, изјави дека и покрај пандемијата на коронавирусот и глобалниот повик на ОН за прекин на огнот, ужасно е дека сè повеќе деца живеат во воените зони.
„Ова е дамка на меѓународната заедница“, порача Ешинг, додавајќи дека милиони деца не можат да одат во училиште и не гледаат ништо освен војна.