Ekipa
09 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
РАМАЛА (АА) - Денес се одржаа различни комеморативни активности по повод 13-годишнината од смртта на поранешниот претседател на Палестина, Јасер Арафат, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на комеморативните активности, голем број лица тргнувајќи од различни места во Рамала маршираа до гробиштата каде што е вечното почивалиште на Арафат, носејќи постери на актуелниот палестински претседател, Махмуд Абас, како и палестински знамиња.
Заменик-претседателот на движењето Фатах, Махмуд ел-Алул, во своето обраќање го опиша Арафат како исклучителен лидер, и истакна дека тој бил извор на инспирација за движењата за слобода во целиот свет.
Алул нагласи дека ќе продолжат да одат кон целта за формирање независна палестинска држава со границите од 1967 година, со главен град Источен Ерусалим.
Од друга страна, Насир Кудве, член на Централниот комитет на Ослободителната организација на Палестина, вели дека Израел е одговорен за смртта на Арафат.
Исто така, Кудве на прес-конференција одржана пред два дена, истакна дека поседува цврсти докази, обвинувајќи го Израел за смртта на Арафат.
Поранешниот претседател на Палестина, а воедно и лидер на Ослободителната организација на Палестина, Јасер Арафат, почина на 11 ноември 2004 година во францускиот главен град, Париз, на 75-годишна возраст.