Tayfun Salcı
18 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
БРИСЕЛ (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, денес изјави дека би можело да дојде до продолжување на преодниот процес на излез на земјата од Европската Унија (Брегзит), јавува Anadolu Agency (AA).
Меј престојува во официјална посета на Брисел заради учество на Самитот на лидерите на ЕУ, а во обраќањето кон новинарите изјави дека е направен чекор напред во преговорите за Брегзит.
„Останаа некои проблеми поврзани со прашањето на границата со Северна Ирска. Останаа и некои прашања за ставките на идните мерки во самиот договор“, изјави Меј.
Таа повтори дека предлогот кој го изнесе Европската Унија е неприфатлив за официјален Лондон, бидејќи предвидува подигање на царинските ѕидови меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија.
Додаде дека Велика Британија предлага во преодниот процес Обединетото Кралство како целина да се задржи во царинската унија.
„На вчерашните состаноци дојде нова идеја, според која тој преоден процес е можно да се пролонгира на неколку месеци“, изјави Меј, и додаде дека лично очекува во согласност со првобитните идеи овој процес да трае до крајот на 2020 година.
Велика Британија, со референдумот во јуни 2016 година одлучи да ја напушти Европската Унија, а официјално таквиот процес е започнат кон крајот на март минатата година.
Во согласност со тоа, Велика Британија на 29 март наредната година ќе отстапи од Унијата, без оглед на тоа дали ќе биде постигнат договор меѓу Брисел и Лондон за заемните обврзници и идните односи. Преодниот период предвидува рок до кој Велика Британија ќе остане врзана за правилата на ЕУ.