Ekipa
08 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Британската државна секретарка за меѓународен развој, Прити Пател, денес се соочи со испитување во врска со неколкуте самоиницијативни средби со израелски функционери, вклучително и со премиерот Бенјамин Нетанјаху, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинската агенција „Press Association“ објави дека Пател е отповикана од официјалната посета на Уганда по неколкудневната расправа во врска со состаноците, со кои е прекршен министерскиот код на однесување.
Однесувањето на Пател покрена прашања околу контролата на премиерката Тереза Меј врз нејзините министри. На 1 ноември секретарот за одбрана, Мајкл Фалон, поднесе оставка поради недоличен однос кон жените.
Претходно оваа недела, Пател беше укорена поради 12 средби со Нетанјаху и со други официјални претставници што ги имала во месец август, за кои претходно не е разговарано во Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
Во низата средби се вбројуваат и два состанока со израелски функционери во месец септември, на кои претставниците на британската влада не присуствувале, поради што Петел може да биде отповикана од функцијата.
Израелскиот министер за јавна безбедност, Гилад Ердан, состанокот со Пател во британскиот Парламент на 7 септември, на Твитер го опиша како прекрасен.
Потоа Пател на 18 септември, се сретнала со израелскиот министер за надворешни работи во Њујорк.
Во изјавата во понеделникот, Пател се извини за спроведените состаноци и рече: „Ова лето патував на семеен одмор во Израел“.
„На патувањето имав можност да запознаам голем број луѓе и организации. Ќе објавам листа на луѓето со коишто се сретнав. Канцеларијата за надворешни работи и Комонвелт знаеше за мојата посета додека беше во тек“.
„Во контекст на тоа, можам да видам дека ваквиот мој ентузијазам може да биде погрешно разбран, и во однос на тоа како се договарани и поставени состаноците на начин кој не одговара со вообичаените процедури. Жалам за ова, и се извинувам“.
Локалните медиуми оваа недела објавија коментари од портпаролот на Даунинг стрит, кој рече дека Пател разговарала за можноста за користење на парите од британските даночни обврзници за поддршка на болницата за сириските бегалци, водена од израелската војска во Голанската висорамнина.
Велика Британија не дава финансиска помош за израелската војска.
На сите освен на еден од состаноците, Пател била придружувана од лобистот Лорд Полак, водечки член на Конзервативни Пријатели на Израел, објави весникот Гардијан.