Dmitri Chirciu
21 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
РОСТОВ-НА-ДОН
Во услови на зголемени тензии, синоќа продолжи евакуацијата на цивилите од регионот Донбас во источна Украина, кој е под контрола на проруските сепаратисти, во руската област Ростов, известува Агенција Анадолија (АА).
Тимот на дописници на Aгенција Анадолија во пограничниот регион ги следи евакуациите што започнаа во текот на викендот поради „зголемени тензии“ – прекршување на примирјето и гранатирањата – во Доњецк и Луганск.
На влезната порта Авило-Успенск на руско-украинската граница, илјадници луѓе, воглавно постари жени и деца, се префрлени со автобуси за да бидат сместени во шатори и студентски домови во кампови формирани во различни делови на Ростовската област.
Некои од евакуираните со воз се испраќаат и во различни делови на Русија. Над 5.000 луѓе беа преместени во текот на денот во регионите Воронеж, Белгород, Брјанск и Курск.
Вршителот на должноста министер за вонредни ситуации на Русија Александар Чупријан изјави за новинарите во јужниот град Ростов на Дон дека досега од Донбас се евакуирани повеќе од 53.000 луѓе. Тој додаде дека дури 30 региони се подготвени да ги прифатат евакуираните.
Западот ја обвини Русија дека распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека таа би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негираше каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвинува западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон исток.