Diyar Güldoğan
08 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека Москва никогаш не ја поддржувала идејата за целосно ембарго на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние никогаш не ја поддржувавме идејата за целосно ембарго на Северна Кореја, како и за секоја друга земја“, се вели во изјавата на Рјабков цитирана од страна на руската новинска агенција РИА Новости.
Неговите забелешки дојдоа откако американскиот претседател ги повика земјите, особено Русија и Кина, целосно да ги спроведат резолуциите на Советот за безбедност на ОН, да ги прекинат дипломатските односи со Пјонгјанг и да ги прекинат сите врски со трговијата и технологијата.
Тој изјави дека Москва верува оти проблемите поврзани со Северна Кореја треба да бидат решени на сосема друг начин.
Рјабков додаде дека Русија не поддржува притисок, санкции или ембарго, и додаде: „Ние веруваме дека постои алтернатива“.
Тој повтори дека Москва ќе продолжи да го поддржува политичкото и дипломатското решение за ситуацијата на Корејскиот Полуостров.
Оваа недела, на Азиско-пацифичкиот самит за економска соработка во Виетнам се очекува средба на американскиот и рускиот претседател, на кој ќе дискутираат за проблемите поврзани со Северна Кореја.