Ali Cura,Dmitri Chirciu
10 Октомври 2020•Ажурирај: 10 Октомври 2020
МОСКВА
Азербејџан и Ерменија се согласија за прогласување примирје во Нагорно Карабах почнувајќи од 12:00 часот по локално време, со цел размена на трупови и заложници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија, Џејхун Бајрамов и Зохраб Мнацаканјан, по покана на рускиот претседател Владимир Путин и во посредство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, вчера се состанаа во Москва на консултативна средба.
По состанокот одржан во Министерството за надворешни работи на Русија, што траеше над 10 часа, Лавров ја прочита заедничката декларација.
„Во посредство и во согласност со критериумите на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, почнувајќи од 12:00 часот на 10 октомври 2020 година се прогласува примирје со цел размена на заложници, затвореници и трупови“, рече Лавров.
Рускиот министер нагласи дека посебно ќе работат за параметрите на режимот на примирјето.
Според него, во посредство на копретседателите на Групата од Минск при Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) и врз основа на принципите за решавање на проблемот, Азербејџан и Ерменија ќе започнат суштински преговори со цел поскоро да се постигне мировно решение.
Лавров истакна дека потврдува оти не е променет форматот на преговарачкиот процес меѓу страните.