Ahmet Gürhan Kartal
12 Јуни 2021•Ажурирај: 13 Јуни 2021
ЛОНДОН (АА) - Кралицата Елизабета II денес го прослави својот 95. роденден со помала церемонија втора година по ред поради ограничувањата поради коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Традиционалното одбележување на роденденот на кралицата се одржа во замокот „Виндзор“ со мала парада, наместо во централен Лондон.
Нејзиниот роденден се совпадна со одржувањето на Самитот на Г7, што годинава се одржува во Корнвол, Велика Британија. Кралицата се сретна на вчерашниот прием со лидерите кои присуствуваа на Самитот, а во недела во замокот „Виндзор“ ќе ја посетат американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга.
Во рамки на денешната прослава ќе биде изведена почесна стрелба, како и почесен лет од страна на „Црвените стрели“, британски тим за акробатски летови.
Кралицата, чиј вистински роденден е во април, официјално го одбележува својот роденден во јуни, со датум утврден од Бакингемската палата.
Родена на 21 април 1926 година, кралицата Елизабета е монарх со најдолго владеење во Велика Британија. Таа е на британскиот трон од 6 февруари 1952 година.
Вистинскиот роденден на кралицата во април помина без прослави главно поради смртта на нејзиниот сопруг кратко пред тоа. Принцот Филип, сопруг на кралицата и војвода од Единбург, почина на 9 април откако претрпе проблеми со срцето на 99-годишна возраст.