Ahmet Gürhan Kartal
12 Декември 2019•Ажурирај: 13 Декември 2019
ЛОНДОН (АА) - Околу 49 милиони Британци денес ќе гласаат на предвремените парламентарни избори пресудни за европската иднина на таа земја, јавува Агенција Анадолија (AA).
Изборите ги распиша конзервативната Влада во септември, а станува збор за трети парламентарни избори во последните четири години.
Гласачките места се отворени во седум часот по локално време и се затвораат во 22:00 часот. Веднаш по затворањето на гласачките места ќе бидат објавени резултатите од излезните анкети, но официјалните резултати се очекуваат до петок вечер.
Граѓаните гласаат во 650 изборни единици, во кои 3.322 кандидати се борат за место во Претставничкиот дом на Парламентот.
Ова се втори избори по ред што ги распишаа конзервативците. Првите во 2017 година ги распиша тогашната премиерка, Тереза Меј, со надеж дека ќе обезбеди мнозинство во Парламентот, при што по изборите изгуби и беше зависна од поддршката на северноирските унионисти (DUP).
За повторно да формираат Влада, конзервативците треба да освојат најмалку 326 места, а според последните изборни анкети во тоа би можеле да успеат.
За денешните избори се регистрирани нови три милиони гласачи. Две третини од нив се помлади од 35 години, а третина се помлади од 25. Се очекува дека младите гласачи во значајна мерка ќе влијаат на изборниот резултат.
Опозицијата на Велика Британија ја предводи лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, кој на изборите пред две години го зголеми бројот на пратеници на својата партија во Парламентот, но не успеа да ја премине тогашната челничка на конзервативците, Тереза Меј.
Лабуристите, според изборните анкети, би можеле да ја добијат поддршката од 34 отсто од гласачите, а либералните демократи околу 13 отсто. Партијата за Брегзит и Шкотската национална партија (SNP) би можеле да добијат поддршка од околу четири отсто од гласачите.
Конзервативците ја водеа предизборната кампања со ветување дека ќе ја напуштат ЕУ до 31 јануари, што е последен рок што го поставил европскиот блок.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, не успеа да го увери Парламентот во Лондон во исправноста на договорот што го постигна со Европската Унија. Џонсон така не го исполни ветувањето за излез од Европската Унија до 31 октомври, а кон крајот на октомври успеа да го извојува одобрението на Парламентот за предвремени избори.
Опозицијата го прифати предлогот за одржување на изборите затоа што претходно ЕУ го одобри одложувањето на Брегзит до крајот на јануари следната година, со што се избегна сценариото Велика Британија да ја напушти Унијата без претходно постигнат договор за меѓусебни обврски и идни односи.
Брегзит ја втурна Велика Британија во длабока политичка криза и беше главна тема на предизборната кампања. Гласачите, исто така, ќе покажат став за Брегзит, кој е значително нестабилен од тригодишниот процес од кој сè уште не се гледа излез.
Според изборниот систем, Велика Британија е поделена на 650 изборни единици во кои кандидатот со најмногу гласови се избира во државниот Парламент. Сценариото може да биде некоја политичката партија колективно да освои најголем број гласови, без победата да биде преточена во новиот состав на Парламентот.
Во случај на победа на конзервативниот блок, голема е веројатноста Велика Британија да ја напушти Европската Унија до крајот на јануари следната година, додека во случај на победа на лабуристичкиот блок, новиот референдум во Велика Британија за Брегзит би бил сè поизвесен.