Tufan Aktaş
22 Септември 2018•Ажурирај: 22 Септември 2018
ДАР ЕС САЛАМ (АА) - Во тешката бродска несреќа што се случи во Танзанија при потонувањето на патнички ферибот во езерото Викторија, досега се пронајдени 196 загинати, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите што ги објавија националните медиуми, досега се пронајдени телата на 196 лица кои починаа во бродската несреќа. Во земјата е прогласена тридневна национална жалост во чест на загинатите лица.
Претседателот Џон Магуфули, на државната телевизија изјави дека е приведен капетанот на бродот, за кого е утврдено дека не бил на бродот во времето кога дошло до несреќата. Магуфули соопшти дека издал наредба за фаќање на сите одговорни лица поврзани со несреќата.
„Според првичниот извештај, причина за несреќата е пренатрупаноста на фериботот. Но комитетот што ќе се формира во врска со несреќата ќе ни даде повеќе информации“, зборуваше Магуфули.
- Спасено лице, два дена по несреќата
Во меѓувреме, министерот за транспорт, Исак Камвелве, објави дека во тек се операциите за извлекување на телата што останале под водата. Комесарот на подрачјето Мванза, Џон Монгела, соопшти дека и покрај тоа што изминале два дена од несреќата, спасено е едно лице.
Катастрофата ја зави целата држава во жалост, а официјалните претставници соопштија дека фериботот потонал на 50 метри оддалеченост од пристаништето. Се претпоставува дека причина за големиот број жртви е тоа што поголемиот дел од патниците на фериботот биле непливачи.
Покрај тоа, се истакнува дека фериботот бил со капацитет од најмногу 100 патници, а во исто време пренесувал и карго товар.
Бродот „The MV Nyerere“ што се обраќал меѓу Укара и Буголара, во четвртокот потона во водите на езерото Викторија.
Бродовите при транспортот на патници во Танзанија често превезуваат повеќе патници од својот капацитет, а нивното неодржување е честа причина за бродски несреќи со катастрофални последици и во минатото.
Повеќе од 800 лица ги загубија своите животи при потонувањето на ферибот во езерото Викторија во 1996 година, а во несреќата што се случи во близина на Занзибар загинаа околу 200 лица.