Bilal Güler
08 Октомври 2021•Ажурирај: 10 Октомври 2021
КАБУЛ (АА) - Повеќе од 100 луѓе загинаа и се повредени во бомбашкиот напад врз шиитска џамија во регионот Сајед Абад во градот Кундуз, северен Авганистан, за време на петочната молитва, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од болницата „Лекари без граници“ во центарот на Кундуз, вкупниот број на убиени и повредени лица, како резултат на експлозијата, надмина 100.
Мисијата за помош на Обединетите нации (ОН) во Авганистан (UNAMA), исто така соопшти дека според првичните информации, бројот на загинати и повредени надминал 100.
Детални информации за бројот на загинати и бројот на повредени не се споделени.
Нападот, чија цел беше шиитска џамија, е најсмртоносниот акт на тероризам во земјата откако странските сили го напуштија Авганистан.
Откако САД ги повлекоа своите сили и ја напуштија земјата на 31 август, експлозиите во Авганистан се концентрираа во Џалалабад, центарот на областа Нангерхар, источно од главниот град Кабул.
Повеќето од тие напади беа насочени кон талибанските сили, но денешниот напад е најсилниот и е директно насочен кон цивили.
По нападот, портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид, преку својот профил на Твитер соопшти дека талибанските сили се испратени на местото на настанот.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот, а очевидци истакнаа дека тоа бил самоубиствен напад.
Патиштата што водат до џамијата каде што се случи нападот се затворени од страна на талибанските сили.
Во минатото, одговорноста за повеќето од нападите против шиитите во Авганистан ја преземаше терористичката организација ДЕАШ.
Одговорноста за повеќето експлозии што се случија по 31 август ја презеде ДЕАШ.