Aysu Biçer
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ЛОНДОН (АА) – Повеќе од 30 земји денес ќе учествуваат на онлајн самитот чиј домаќин е Велика Британија, на кој ќе се разговара за плановите за повторно отворање на Ормускиот Теснец, пренесува Анадолу.
Според известувањата на британските медиуми, разговорите ќе бидат фокусирани на дипломатски и политички мерки насочени кон враќање на слободата на пловидбата низ овој теснец, кој е клучна маршрута за глобалното снабдување со енергенти.
Се очекува лидерите да се осврнат и на прашањето како да се гарантира безбедноста на бродовите и на поморскиот персонал што во моментов не можат да поминат низ теснецот.
Со состанокот ќе претседава британската министерка за надворешни работи Ивет Купер, а се очекува меѓу учесниците да бидат европските земји како Франција, Германија, Италија и Холандија, заедно со меѓународните партнери, меѓу кои Австралија, Јапонија, Канада, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Обединетите Арапски Емирати и Нигерија.
Сите учесници се потписници на заедничката изјава издадена минатиот месец, со која се обврзаа на „подготвеност да придонесат во соодветни напори“ за да се осигури безбедно поминување на бродовите.
Не се очекува САД да присуствуваат на самитот бидејќи организаторите се фокусирани на земјите потписнички на заедничката изјава, како и на другите европски сојузници и клучните поморски и регионални играчи.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека одговорноста за повторно отворање на теснецот треба да биде на другите земји доколку САД ги прекинат своите напади врз Техеран. Тој упати критики за, како што рече, недостигот на поддршка од европските сојузници.
САД и Израел од 28 февруари спроведуваат воздушна офанзива врз Иран, во која досега загинаа над 1.340 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штети на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.