Nezir Aliyev
12 Јули 2019•Ажурирај: 14 Јули 2019
БИШКЕК (АА) – Во Киргистан, кој е предупреден во секоја прилика по обидот за државен удар во Турција на 15 јули, терористичката организација ФЕТО ги продолжува своите активности, особено во областа на образованието, медиумите и јавните институции, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во изминатите три години, по обидот за државен удар на 15 јули, поголем број земји ја поддржаа Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО и ги задоволија барањата на Владата во Анкара.
Киргистан се истакнува како една од земјите каде што ФЕТО е најраспространета и најдлабоко организирана. Активностите на ФЕТО во Киргистан започнуваат веднаш по распадот на Советскиот Сојуз.
Меѓународните образовни институции „Себат“, за кои се вели дека се поврзани со ФЕТО, на 2 мај 1992 година потпишаа договор за соработка со Министерството за образование на Киргистан.
Првото училиште на образовната институција поврзана со ФЕТО беше машката гимназија во Бишкек. ФЕТО, искористувајќи го моментот кога Киргистан се соочуваше со тешкотии како нова независна држава и блискоста со Турција, брзо се рашири низ целата земја.
Меѓународните образовни институции „Себат“ во седум региони во Киргистан отворија училишта и интернати. Денес поседуваат 9 основни и средни училишта, 16 гимназии, две меѓународни училишта под името „Силк Роуд“ („Silk Road“) и „Кембриџ“ („Cambridge“) и Меѓународниот универзитет „Ататурк Алатоо“ („Atatürk Alatoo“).
Познато е дека речиси 13 илјади ученици добиваат образование во училиштата на образовните институции „Себат“. Tие, исто така, објавуваат книги, списанија и организираат конференции. Дипломираните ученици, студенти на овие училишта блиски до ФЕТО се организираат и формираат различни здруженија.
Меѓународните образовни институции „Себат“ се обидуваат да ја зајакнат перцепцијата дека нудат „бесплатно образование“ за успешните ученици. Се истакнува дека во Киргистан имаат имот во вредност од 100 милиони долари. Во овие институции работат околу илјада домашни и странски лица.
Се нагласува дека ФЕТО е активна и во образованието, медиумите, во бизнис-секторот и во областите од уметноста. Познато е и тоа дека студентите дипломирани во нивните училишта се вработуваат на важни места, особено во јавните институции.
Се наведува дека Турција не е задоволна од нивото до коешто стигна борбата против ФЕТО во Киргистан, а причината за тоа се кадрите на ФЕТО во државните институции. Турските власти очекуваат од администрацијата на Бишкек да ги префрли училиштата на ФЕТО на Турската фондација „Маариф“.
Во последните три години откако Турција од Киргистан побара да преземе мерки против ФЕТО, терористичката организација ја префрли сопственоста на компаниите на граѓаните во Киргистан, кои се лојални на ФЕТО.
- Опасност од ФЕТО има и во некои медиуми
По 15 јули Врховниот суд на Киргистан донесе одлука за пренос на сопственоста на „Кајнак холдинг“ во Киргистан на турскиот Фонд за осигурување на штедни влогови (ТМСФ), чија управа во Турција е предадена на државен повереник, поради поврзаноста на Холдингот со терористичката организација ФЕТО.
Медиумите во Киргистан често објавуваат статии, вести и колумни за активностите на ФЕТО во земјата, за нивното постоење и за тоа како се екипираат во државните институции.
Весникот „Мајдан“ минатата недела објави напис под наслов „Училиштата на ФЕТО, фабрика за несвесни робови“ во којашто се истакнува дека терористичката организација го користи образованието како маска за да заработи големи приходи и да ја прошири својата структура.
Во статијата се предупредува дека треба да се земе предвид постоењето на ФЕТО во различните нивоа на државата и во невладините организации, и дека на општите избори во земјата треба да се спречи лицата блиски до организацијата да бидат избрани како пратеници.