Elena Teslova
08 Јуни 2023•Ажурирај: 09 Јуни 2023
МОСКВА (АА) - Пет од седум лица кои беа исчезнати по големите поплави по уништувањето на браната „Каховка“ во јужна Украина, се пронајдени мртви, изјави градоначалникот на градот Нова Каховка, пренесува Анадолу.
„Денеска се дозна дека од седум лица кои напасувале стока, пет се удавиле. Во моментов сме ангажирани во евакуацијата на преостанатите две лица“, изјави Владимир Леонтијев за руските медиуми.
Леонтијев рече дека итните служби започнале со испумпување на водата, по што ќе започне процесот на обнова на подрачјето.
Тој ја обвини Украина за саботажа и рече дека повеќе проектили ХИМАРС од американско производство ја погодиле браната.
„Извршени се прелети со дронови, тие одлично знаеја каде има погодено секоја ракета ХИМАРС, ја знаеја состојбата на хидроцентралата и го зададоа последниот удар во критичните делови“, рече тој.
Русија и Украина во вторникот меѓусебно се обвинија за оштетувањето на браната „Каховка“, што доведе до поплавување на соседните населени места.
Москва ја обвини Украина дека се обидува да го отсече Крим од резервите на слатка вода што ги црпи од акумулацијата „Каховка“, формирана со браната, додека Киев тврди дека Русија се обидува да ја забави очекуваната контраофанзива.