Selçuk Acar
01 Август 2016•Ажурирај: 02 Август 2016
ЊУЈОРК (АА) - Турците во САД се собраа на демонстрации пред имотот на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетулах Ѓулен, во државата Пенсилванија, САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрациите се одржаа и покрај дождот. Припадниците на силите за безбедност ги презедоа сите безбедносни мерки, а вооружените чувари се обидоа да ги држат демонстрантите подалеку од имотот.
Насобраните демонстранти носеа турски знамиња и транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше: „Резултатот од обидот на Ѓулен за државен удар е 300 мртви”, „Ѓулен = Бин Ладен, Ѓулен = ДАЕШ”, „Ѓулен, најбараниот човек во Турција”, „Заштитете ја Америка од Ѓулен”, „САД треба да го депортираат Ѓулен”.
Демонстрантите ги извикуваа и слоганите „Луѓето се тука, каде се пучистите”, „Да се воведе смртната казна, нека заврши предавството”.
Американците кои живеат во близина на објектот се загрижени за развојот на настаните, но и поради тоа што Ѓулен живее во близина. Турците кои живеат во Пенсилванија рекоа дека им е жал што оваа држава се споменува поради лидерот на терористичката организација и побараа екстрадиција на Ѓулен во Турција.
Ѓулен живее на голем имот со трикатна вила од околу 3.000 квадратни метри. Обезбедувањето кое се наоѓа пред неговиот имот за АА рече дека „чуваат свето место”.
На самиот влез на имотот има закачено табла со натпис "Golden Generation Chestnut Camp Retreat Center". Ова се вторите по ред демонстрации пред имотот на Ѓулен во последните 15 дена.