Ekip
20 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
НАЈРОБИ
На плажата Карагита, на езерото Најваша, рибарите се вратија со нов улов и додека едни ја пакуваат рибата во гајби, други ги подготвуваат мрежите за да влезат во езерото, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во езерото можеа да се видат рибарските чамци како потскокнуваат на малите бранови кои блескаа на сонцето во еден хаотичен танц, а една убава птица со големи очи и бледокафеави пердуви се спушти во мрежата на рибарот и започна да бара риби и жаби заглавени во мрежата.
Амбросј Ндима е во близина на птицата, а нeму му се придружуваат уште петмина, но птицата не покажува дека ѝ е страв.
„Птиците се вакви, тие не се плашат од нас рибарите и ние веруваме дека ни носат среќа бидејќи никогаш не нè вознемируваат. Ова е птица која воопшто не се плаши од луѓе и покрај тоа што е диво животно. Ние живееме заедно во хармонија“, рече Ндима, мислејќи на чеканоглавите птици што секогаш се покрај нив.

Триесет и шестгодишниот рибар, татко на две деца, зборувајќи за АА изјави дека птицата е многу еколошки претпазлива.
„Птицата ни помага во чистење на плажата. Таа собира сè, од гранчиња, ткаенина, стари мрежи, пластика, хартии и растенија, за да го направи своето гнездо. На овој начин, таа исто така ја чисти плажата“, рече Ндима, покажувајќи кон дрвото на кое се наоѓа големо гнездо.
На брегот на езерото можат да се видат птиците како собираат парчиња ткаенина и стари мрежи, а потоа ги носат во своето гнездо и се враќаат назад по уште отпад што се наоѓа околу езерото.
„Ова е нејзиното гнездо. Многу е издржливо и големо. Многу диви патки што ги гледате наоколу исто така ги користат гнездата за размножување. Чеканоглавите птици градат многу гнезда, напуштајќи ги старите и изградувајќи нови“, рече Ндима.

Самуел Мутига, друг рибар, рече: „Тоа е мирна птица што никогаш не вознемирува никого. Таа не оди во близина на пазарот за да јаде зрна, овошје или зеленчук што се продаваат таму. Таа ни носи убавина и мир нам, рибарите. Тие се нашите најдобри пријатели тука.“
Чеканоглавата птица го добила своето име по формата на нејзината глава што потсетува на чекан. Нејзиниот врат исто така наликува на рачката од чеканот.
„Ние имаме многу локални имиња за птицата, но нејзиното англиско име е чеканоглава птица. Исто така, има митови и приказни за нив, во зависност од племињата. Тие генерално јадат мали риби, полжави, инсекти и жаби. Ние ги сакаме нив не само поради еколошката работа што ја вршат, туку затоа што тие се само наши пријатели“, рече Мутига.
