Ali Murat Alhas
17 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Откако масовните протести во автономниот регион на Кина, Хонгконг, прераснаа во насилни, жителите се загрижени дека демонстрациите ќе се претвораат во еден вид конфликт меѓу цивилите и безбедносните сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Секојдневието во Хонгконг, кој има популација од 7,4 милиони, е значително нарушено поради протестите бидејќи функционирањето на разни државни установи, од транспортот, здравството, до образованието е попречено.
Според официјалните податоци, досега се уапсени околу 3.560 лица и јавноста е загрижена за тоа колку долго ќе траат протестите.
Вработените во компаниите не можат да одат на работа во Хонгконг, кој се смета за еден од главните светски финансиски центри, а исто така и продавниците не можат да работат. Покрај тоа, протестите веќе се проширија и на универзитетите.
И покрај тоа што Хонгконг е познат по тоа што е активен 24 часа на ден, од избувнувањето на протестите луѓето претпочитаат да се вратат дома пред да падне мрак.
Освен локалните продавници, и светските технолошки брендови се воздржуваат од отворање на своите продавници поради страв од евентуален грабеж или оштетување.
Особено е погоден транспортот бидејќи метроата поради протестите не сообраќаат по 22 часот. Во подрачјата каде што се одвиваат протестите, полициските сили можат да го прекинат метро сообраќајот без претходно предупредување.
Жителите на Хонгконг не претпочитаат да излегуваат од дома дури ниту за време на викендите, поради безбедносни причини.
Протестите во Хонгконг траат од почетокот на летото, а насилствата и судирите меѓу демонстрантите и полициските сили се интензивираа во последните неколку недели.
Чоу Цлок, 22-годишен студент, го загуби животот по два дена откако падна од паркинг по потерата од полициските сили. На 11 октомври, полицајците за првпат користеа боева муниција при што беше погоден еден демонстрант.
Протестите во Хонгконг започнаа поради предложениот закон за овозможување на екстрадиција на кинеските власти.
Властите на Хонгконг го повлекоа спорниот предлог на Законот за екстрадиција кој беше повод за протести, но демонстрациите се проширени и на низа други барања, вклучувајќи го и одржувањето нови избори.