Dmitri Chirciu
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, потпиша декрет за зголемување на бројот на војниците во Украинските вооружени сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски во обраќањето пред украинскиот Парламент изјави дека е неопходно зголемување на одбранбените капацитети на украинската Војска и додаде дека потпишал декрет за таквиот потег.
Тој изјави дека декретот предвидува преминување на Војската на професионална основа.
„Овој декрет предвидува развој на кариерата на воениот персонал, зголемување на платите и додавање на 100.000 луѓе во Вооружените сили на Украина за три години. Ова не е за војна, туку за мир во Украина во иднина“, рече Зеленски.
Во јули минатата година, украинскиот Парламент донесе закон за зголемување на бројот на воениот и цивилниот персонал во украинската Армија за 4,4 отсто, со што бројот на персоналот се зголеми на 261.000.