Dmitri Chirciu
16 Април 2022•Ажурирај: 18 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Русија засекогаш ја загубила Украина и дека го губи целиот свет, така што никаде повеќе не е прифатена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски во видеопорака на својот профил на Телеграм истакна дека руската Војска спроведува „терористички“ акции против цивилите во украинските региони Запорожје и Харсон.
„Окупаторите мислат дека полесно ќе го контролираат регионот со тоа што напаѓаат секого што има врски со украинската Војска или државните институции. Тие прават голема грешка и се лажат“, порача Зеленски.
Зеленски рече дека Русија засекогаш ја изгубила Украина и дека го губи и целиот свет, така што веќе никаде не е прифатена.
Укажувајќи на важноста од воспоставување мир во Украина, Зеленски нагласи дека украинската Војска во тој поглед успешно ја исполнува својата задача.
Тој истакна дека украинските сили даваат сè од себе за да ги спасат цивилите во Мариупол.
„Кон Русија се воведуваат санкции. Сепак, тоа не е доволно за да се запре руската воена машинерија. Идните санкции против Русија треба да вклучуваат откажување од руската нафта. Светот мора да донесе одлука дека парите дадени за руски енергенси ја загрозуваат демократијата“, порача Зеленски.
Истакнувајќи дека треба целосно да се блокира рускиот финансиски систем, украинскиот претседател рече дека тоа може да стави крај на војната.