Burak Dağ
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
АНКАРА (АА) - Украина досега можеше да стави крај на војната што ја започна Русија, доколку имаше пристап до сето оружје што ѝ е потребно, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање до својата земја во видеото објавено на Телеграм, Зеленски рече: „Да имавме пристап до сето оружје што ни треба, кое го имаат нашите партнери и кое е споредливо со оружјето што го користи Руската Федерација, веќе ќе ставевме крај на оваа војна.“
Апелирајќи до украинските партнери да достават муниција и оружје, тој рече дека „нивна морална должност е пред сè да помогнат во заштитата на слободата, да помогнат да се спасат животите на илјадници Украинци“.
„Затоа ја нагласувам едноставната вистина буквално во секој контакт со лидерите на демократскиот свет -- во сите преговори, во сите интервјуа. Неправедно е што Украина сè уште е принудена да го бара она што нејзините партнери го чуваат некаде со години“, додаде тој.
Истакнувајќи дека тактичката супериорност на Украинската армија е „сосема очигледна“, Зеленски посочи дека Украинските вооружени сили стојат цврсто и дека целиот народ на Украина храбро ја брани својата земја.
„Во оваа војна Руската армија засекогаш ќе се впише во светската историја како можеби најварварската и најнечовечната војска во светот.“
Зеленски истакна дека Руската армија намерно убивала украински цивили, уништувала населби и цивилна инфраструктура и користела секаков вид оружје, вклучително и забранетото со меѓународните конвенции, додавајќи дека овие акции се „потпис на Руската армија“.
Најмалку 2.104 цивили загинаа, а 2.862 се повредени во Украина досега во војната што започна на 24 февруари, според проценките на ОН, а се верува дека вистинската бројка е многу поголема.
„Повеќе од 4,9 милиони Украинци побегнаа во други земји, а над 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.