свет

Кина ги отфрли тврдењата на Украина дека кинески државјани се бореле за Русија

„Таквите тврдења немаат основа. Ставот на Кина за Украина е многу јасен“, одговори портпаролот на кинеското МНР, Лин Џијан, пред новинарите во Пекинг, запрашан во врска со тврдењата на претседателот Зеленски дека Киев уапсил двајца кинески државјани

Riyaz Khaliq Khaliq  | 09.04.2025 - Обновена : 10.04.2025
Кина ги отфрли тврдењата на Украина дека кинески државјани се бореле за Русија

ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес ги отфрли тврдењата на Украина дека кинески државјани се борат на страна на руските сили во Источна Украина, јавува Анадолу.

„Таквите тврдења немаат основа. Ставот на Кина за Украина е многу јасен“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, пред новинарите во Пекинг, кога беше прашан за изјавата на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека Киев уапсил двајца кинески државјани што се бореле во редовите на руската војска во Доњецк.

Лин додаде дека „Украина треба правилно да ги согледа напорите на Кина и нејзината конструктивна улога во политичкото решавање на кризата“.

Исто така, Лин го повика кинескиот народ да се држи настрана од вооружени конфликти, додавајќи дека Пекинг ги „проверува информациите“ од Киев за наводните тврдења дека Кинезите се бореле за Русија против Украина.

„Вклучувањето на Кина беше јасен сигнал дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да стави крај на војната“, рече Зеленски.

Сепак, портпаролот на министерството Лин рече: „Дозволете ми да истакнам дека кинеската Влада секогаш бара од кинеските државјани да се држат настрана од областите на вооружени конфликти, да избегнуваат каква било форма на вмешаност во вооружени конфликти и особено да избегнуваат учество во воени операции на која било страна.“

Претходно Зеленски изјави: „Нашата војска уапси двајца кинески државјани што се бореле како дел од руската армија. Ова се случи на украинска територија – во регионот Доњецк. Кај нив беа пронајдени лични документи, банкарски картички и лични податоци.“

Тој додаде дека Украина располага со информации дека и други кинески државјани се наоѓаат во руските воени единици и дека сега тоа се проверува.

Украинскиот заменик-министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека Киев го повикал кинескиот вршител на работи во Украина за да изрази протест и да побара објаснување.

„Присуството на кинески државјани во инвазивната армија на Русија ја доведува под сомнение декларираната кинеска позиција за мир и го нарушува кредибилитетот на Пекинг како одговорна постојана членка на Советот за безбедност на ОН“, напиша Сибиха на Х.

Засега нема официјален коментар од Русија.

Кина постојано повикува на дипломатско решение за војната во Украина што трае веќе три години и ја пофали Русија за обидите за преговори со Вашингтон.

Претседателите Си Ѓинпинг и Владимир Путин прогласија „партнерство без ограничувања“ неколку дена пред почетокот на војната во 2022 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.