Davit Kachkachishvili
15 Април 2022•Ажурирај: 16 Април 2022
КИЕВ (АА) - Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека ситуацијата во главниот град на Украина моментално е мирна, но дека не е исклучена можноста за бомбардирање во екот на војната со Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кличко во разговор за АА изјави дека немало напади врз Киев во последните недели, но дека заканата од руско гранатирање останува.
„Според вчерашната изјава на руските војници, Русија има многу проектили, а не е целосно исклучена можноста за ракетни напади и бомбардирање на главниот град Киев. Ситуацијата во Киев е донекаде мирна, но тоа не значи дека воените активности нема да се повторат во еден момент“, изјави Кличко, додавајќи дека сериозните конфликти продолжуваат во источна Украина.
Советувајќи ги жителите на Киев да не брзаат да се вратат во главниот град, Кличко рече дека засега не можат да гарантираат 100 отсто безбедност поради руските воени напади.
Кличко се заблагодари на Турција за политичката и воената поддршка на Украина.
„Ние сме многу благодарни на Турција за нејзината поддршка на политичко и воено поле. Ова е многу важно. Гледаме кој е вистински пријател на Украина во овие тешки времиња“, изјави градоначалникот на Киев.
Нагласувајќи дека Украина има за цел да го врати мирот, Кличко им се заблагодари на сите оние кои го поддржуваат враќањето на мирот во Украина.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите земји, вклучително и европските и соседните земји, за нивниот позитивен пристап кон Украина и поддршката за мирот“, рече Кличко.
Тој додаде дека меѓународната поддршка е исклучително важна за Украина во овој период, наведувајќи дека ѝ е потребна хуманитарна, медицинска, воена и политичка помош.
„Ние ги браниме не само нашите семејства, домови и земјата, туку и принципите што ги поддржуваат сите демократски земји. Одржувањето на стабилноста во регионот зависи од одржливата политичка и економска ситуација во Украина“, рече градоначалникот на Киев.