Ali Cura
30 Март 2023•Ажурирај: 31 Март 2023
МОСКВА (АА) - Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека државјанин на САД, дописник на американскиот „Волстрит журнал“ од Москва, е приведен под сомнение дека шпионирал во градот Екатеринбург, пренесува Анадолу.
Од ФСБ наведоа дека Еван Гершкович (31), кој работи како репортер во канцеларијата на „Волстрит журнал“ во Москва, има акредитација во Министерството за надворешни работи на Русија.
„ФСБ ги запре нелегалните активности на американскиот државјанин Еван Гершкович, дописник на московското биро на американскиот весник 'Волстрит журнал', акредитиран во руското Министерство за надворешни работи, осомничен за шпионирање во интерес на американската Влада“, се вели во соопштението.
Се наведува дека е поведена истрага за кривично гонење на Гершкович под обвинение за шпионажа.
Гершкович може да се соочи со затворска казна до 20 години доколку биде осуден за шпионажа.
Пред да се вработи во „Волстрит журнал“, тој работел за АФП во Москва и „Москва тајмс“.