Tarek Chouiref
28 Август 2025•Ажурирај: 29 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Палестински здравствен официјален претставник денес го обвини израелското армиско воздухопловство дека намерно го нападнало просторот за новинари во Медицинскиот комплекс „Насер“ во јужна Газа, а потоа и хуманитарните работници кои се обидувале да ги спасат повредените, при што се убиени најмалку 20 лица, меѓу кои и петмина новинари, јавува Анадолу.
Во видеообраќање, д-р Мухамед Сакер, директор на Одделот за медицинска нега во болницата, изјави дека израелските сили тврделе дека на четвртиот кат од хируршкиот објект имало скриена камера, но тој го отфрли ова како невистина.
„Овој простор, скалите покрај операционата сала, е зона за новинарите. Сите знаеме дека тоа е централно место за новинарите, каде ги поставуваат камерите и ги испраќаат вестите до локалните и меѓународните медиуми. Ова не е тајна. Израел го знае тоа“, рече тој.
Сакер додаде дека израелските власти можеле да се јават кај раководството на болницата доколку имале забелешки околу присуството на новинарите.
„Ги имаат нашите броеви. Понекогаш контактираат со нас. Ако имале некакви забелешки за новинарите на четвртиот кат, ќе можевме да го решиме тоа. Тоа не е тешко. Можевме да им кажеме да се симнат и да си заминат. Тие подолго време го користат тоа место за известување“, истакна тој.
Тој остро го осуди и вториот напад во кој беа нападнати хуманитарните екипи кои се обидуваа да ги евакуираат повредените.
„Шокантно е зошто израелските воздухопловни сили ги погодија новинарите на четвртиот кат, а кога го испративме нашиот хуманитарен персонал да ги спаси, тие повторно го нападнаа хуманитарниот персонал. Која е поентата на ова? Зошто инсистирате да нè убивате? Работиме во хуманитарна област, во здравствена установа. Треба да бидеме заштитени според меѓународните прописи и правила“, рече тој.
Според Министерството за здравство во Газа, во израелскиот напад врз Медицинскиот комплекс „Насер“ во Кан Јунис во понеделникот убиени се најмалку 20 Палестинци, меѓу кои и петмина новинари и пожарникар, а повеќе лица беа повредени. Меѓу жртвите има пациенти, здравствени работници, припадници на цивилната заштита и новинарски екипи.
Меѓу убиените новинари се камерманот на ТВ Палестина, Хусам ал-Масри, фотографот на Ал Џезира Мухамед Салама, хонорарната новинарка Мерјем Абу Дага., фоторепортерот Муаз Абу Таха и независниот новинар Ахмед Абу Азиз.
Истиот ден, во друг напад во Кан Јунис, беше убиен и новинарот Хасан Дуахан, со што бројот на убиени новинари во Газа од октомври 2023 година се искачи на 246.
Смртоносниот напад предизвика осуда од медиумските куќи. „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“ во заедничко писмо до израелските власти побараа одговорност за нападот и изразија сомнеж во израелските внатрешни истраги, посочувајќи дека претходните ретко доведувале до транспарентност или одговорност.
Израелската армија го призна нападот, но соопшти дека не ги таргетира намерно новинарите и најави внатрешна истрага.
Израел уби речиси 63.000 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.