Ekipa
18 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, со украинскиот и францускиот претседател, Петар Порошенко и Франсоа Оланд за спроведувањето на мировниот договор во источниот дел на Украина, соопшти германската Влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Лидерите на Германија, Русија, Украина и на Франција ја потврдија својата посветеност на договорот од Минск во областа на безбедноста и политичките аспекти на договорот.
Тие ја истакнаа важноста на почитувањето на прекинот на огнот и повикаа на напредок во областа на размената на затвореници, соопштија од канцеларијата на германската канцеларка.
Четирите лидери изразија надеж дека ќе продолжат во овој правец и по доаѓањето на новиот претседател на Франција.
Судирите во источниот дел на Украина избија во 2014 година и оттогаш загинаа повеќе од 9.600 луѓе.
Примирјето што четирите земји го договорија во февруари 2015 година, во Минск, ги запре тешките борби меѓу украинската војска и бунтовниците поддржани од Русија, но борбата продолжи долж линијата на фронтот.