Şafak Yel
12 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
ИЗМИР (AA) - Чевли, детска облека, фотографии, пасоши, елеци за спасување, сето тоа утрово морето го исфрли на брегот на турскиот град Измир, по синоќешното потонување на чамец во кое животот го загубија 11 мигранти, меѓу кои осум деца, јавува Агеција Анадолија (АА).
Во водите на Егејското Море доцна синоќа се преврте чамец со 19 мигранти кои се обидувале да преминат на грчкиот остров Хиос.
Жителите на квартот Јали во Измир ги слушнале повиците за помош од правец на морето, поради што ја известиле локалната жандармерија.
Утврдено е дека потонал чамец кој превезувал непријавени мигранти. Од морето се спасени најмалку осум лица, а извлечени се телата на вкупно 11, од кои осум се тела на малолетни лица. Повредените лица се префрлени во болница, а телата на настраданите во мртовечница.
Дополнително е утврдено дека станува збор за сириски бегалци.
Она што беше многу потресно да се види се чевлите и облеката на сириските деца, како и фотографиите, пасошите и елеците за спасување кои морето утрово ги исфрли на брегот кај Измир.
Како причина за несреќата се наведува надминувањето на капацитетот за бројот на лица што е предвиден за тој тип на чамец.