Ekipa
19 Мај 2016•Ажурирај: 19 Мај 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Франсоа Оланд, денес потврди дека авионот на египетската компанија "EgyptAir", кој исчезна рано утринава на летот од Париз кон Каиро, се срушил во Средоземното море, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Информациите кои ги собравме, министрите, членовите на Владата и секако египетските власти, за жал, потврдуваат дека авионот се срушил”, изјави Холанд.
Како што рече тој, ниедна хипотеза, било да се работи за несреќа или терористички напад, не е исклучена.
„Мораме да бидеме сигурни дека ги знаеме сите причини за она што се случи. Ниедна хипотеза не е исклучена или фаворизирана”, изјави францускиот претседател во обраќањето во Елисејската палата.
Египетскиот премиер, Шериф Исмаил, претходно изјави, дека сè уште е рано да се каже дали станува збор за технички проблем или терористички напад.
„Сè уште не можеме ништо да потврдиме”, изјави Исмаил на аеродромот во Каиро.
Авионот "EgyptAira 804", во кој се наоѓале 66 патници, исчезна од радарот во 2:45 часот по локално време, во моментот кога летал на височина од 11.280 метри, соопшти египетскта авиокомпанија.
Официјалните лица на египетската Канцеларија за цивилна авијација потврдија дека авионот се срушил и дека потрагата по остатоците на леталото е во тек.
Француските власти претходно договорија дека заеднички ќе работат на пронаоѓањето на авионот, а во потрагата и Грција вклучи два хеликоптери.
Според информациите од компанијата, во авионот се наоѓале 30 државјани на Египет, 15 Французи, двајца Иранчани, еден Алжирец, Британец, Канаѓанец, државјанин на Чад, Кувајќанец, Португалец, еден државјанин на Саудиска Арабија и еден Суданец. Според тврдењата на египетската авиокомпанија во авионот се наоѓале и две бебиња.