Irmak Akcan
10 Мај 2025•Ажурирај: 11 Мај 2025
АНКАРА (АА) - Турската докторантка Румејса Озтурк е ослободена со кауција откако помина речиси шест недели во американски притвор поради нејзината поддршка за Палестина, а локалните медиуми објавија дека им се заблагодарила на сите што ја поддржале, известува Анадолу.
Си-би-ес њуз (CBS News) објави дека студентката на Универзитетот Тафтс, Озтурк, накратко разговарала со новинарите откако го напуштила центарот за притвор на имигранти во Луизијана, каде што беше приведена од крајот на март.
„Ви благодарам многу за сета ваша поддршка и љубов. Уморна сум, па ќе се одморам малку, но навистина сум ви благодарна што сте тука“, им рече таа на присутните.
Видео од нејзиното ослободување прикажува група демонстранти кои се собрале во знак на солидарност со неа.
Озтурк беше приведена во Масачусетс на 25 мај од шест службеници на Службата за имиграција и царина (ICE) во цивилка, додека таа одела на ифтар со пријателите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио подоцна објави дека нејзината студентска виза е отповикана и дека таа ќе биде депортирана.
Рубио обвини повеќе од 300 странски студенти дека ја поддржувале палестинската група Хамас, нарекувајќи ги „антиизраелски лудаци“ и дека се издадени налози за нивно притворање и депортација без да им се овозможи праведна постапка за обрана.
Критичарите рекоа дека нивната депортација поради изразување на сопствените ставови го прекршила нивното уставно право на слобода на говор, право што важи за сите во САД, без разлика дали се државјани или не.
Американската федерална судијка Дениз Каспер го запре процесот на депортација на Румејса Озтурк, а судијата Вилијам Сешнс од Окружниот суд на САД во Вермонт нареди нејзино ослободување со кауција.
Универзитетот Тафтс побара ослободување на Озтурк, а во изјава до судот, претседателот на Универзитетот, Сунил Кумар, навел дека нејзиното приведување ја парализирало меѓународната заедница на факултетот и предизвикало сериозна загриженост поради безбедноста на кампусот.