Barış Seçkin
17 Декември 2023•Ажурирај: 18 Декември 2023
ВАТИКАН (АА) - Поглаварот на Римокатоличката црква и Ватикан, папата Франциск, изјави дека и понатака прима сериозни и болни вести од Појасот Газа во кои невооружени цивили се цел на бомбардирања и истрели, известува Анадолу.
Папата во рамките на традиционалната неделна молитва им се обрати на верниците на Плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан и уште еднаш упати апел за ставање крај на војната во „Светата земја“.
„Да не ги заборавиме нашите браќа и сестри кои страдаат од војните во Украина, Палестина, Израел и други зони на судири. Нека приближувањето на Божик ги зацврсти напорите за отворање на патиштата кон мирот“, рече папата.
Франциск зборуваше и за нападите на израелската војска на христијаните и црквите во Појасот Газа.
Истакнувајќи дека невооружени цивили се изложени на бомбардирања и истрели, папата Франциск рече дека тоа се случило дури и во внатрешноста на парохискиот комплекс „Светото семејство“, каде нема никакви терористи, туку семејства, деца, болни, лица со посебни потреби и калуѓерки.
„Мајка и ќерка, Нахид Халил Антон и нејзината ќерка Самар Камал Антон, убиени се од снајперисти додека оделе во таолет, а многу луѓе се ранети. Куќата на калуѓерките на Мајка Тереза е оштетена, генераторот е погоден. Некои за ова велат дека е тероризам и војна. Точно. Ова е војна, ова е тероризам“, нагласи папата Франциск.