Sümeyye Dilara Dinçer
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Поранешниот претседател на Авганистан, Ашраф Гани, кој ја напушти земјата и се засолни во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан, му се извини на својот народ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заминувањето од Кабул беше најтешката одлука во мојот живот“, истакна поранешниот претседател Гани на својот профил на Твитер.
Гани, извинувајќи се на авганистанскиот народ, рече дека ја напуштил земјата по инсистирање на обезбедувањето на палатата, кое го советувало да ја напушти земјата за да не се повтори истата ситуација што ја доживеа градот за време на Граѓанската војна во 1990-тите.
Наведувајќи дека нема намера да го напушти својот народ, Гани посочи дека немал друг избор освен да ја напушти земјата.
Негирајќи ги наводите дека патувал во ОАЕ со околу 169 милиони долари, Гани нагласи дека посветил 20 години за да му помогне на Авганистан да стане „демократска, просперитетна и суверена држава“.
Гани исто така го изрази своето длабоко жалење што неговиот мандат заврши со трагедија слична на претходните.
Меѓу другото, Гани (72), кој беше под критики на авганистанските политичари за напуштање на земјата на 15 август, рече дека наскоро ќе ги соопшти настаните што довеле до неговото заминување.
Поранешниот претседател Гани, кој замина во ОАЕ со своето семејство, на 18 август со видеопорака на Фејсбук го соопшти неговото заминување од земјата.
Потврдувајќи дека се наоѓа во ОАЕ, Гани нагласи: „Морав да ја напуштам земјата за да се избегна крвопролевање. Јас сум во Обединетите Арапски Емирати за да се спречи настанување на катастрофи. Во консултација сум за да се вратам на работа за постигнување на вистинските исламски и национални вредности на народот во Авганистан и за правдата во Авганистан.“
- Процесот на талибанска доминација во земјата
Во рамките на Мировниот договор постигнат меѓу САД и талибанците во февруари 2020 година, годинава започна процесот на повлекување на меѓународните сили од Авганистан.
Договорот предвидуваше да не се напаѓаат странските сили, но не предвидуваше никакви одредби во врска со акциите на талибанците против авганистанските безбедносни сили.
Талибанците од една страна ги продолжија преговорите со авганистанската Влада во Доха, а од друга страна, истовремено со голема брзина и со насилни напади од јуни освоија многу области и провинциски центри во Авганистан.
Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул без конфликт, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август.