Ömer Yetkin Acar
08 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
САО ПАОЛО (АА) - Поранешниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, осуден на затворска казна во траење од 12 години и месец дена поради корупција, им се предаде на федералните власти, јавува Anadolu Agency (AA).
Врховниот федерален суд во средата ја потврди казната, а судијата Серхио Моро му даде рок на Лула да Силва до петок доброволно да ѝ се предаде на полицијата.
Лула да Силва, кој не го испочитува зададениот рок, ја мина ноќта во зградата на Синдикатот на работниците од металургијата во Сао Паоло.
Поранешниот бразилски претседател вчера присуствуваше на програмата организирана пред зградата на Синдикатот во знак на сеќавање на неговата сопруга Мариса Летиција, која почина минатата година.
На програмата, во знак на поддршка на Лула, се придружија неговата наследничка Дилма Русеф, која беше смената од функцијата во 2016 година, одредени парламентарни пратеници, сенатори, началници на општините, познати лица од светот на филмот и други јавни личности.
Лула да Силва ги отфрли обвиненијата кои му се ставаат на товар, а од Мора побара да му покаже докази.
„Не се кријам. Заминувам да им покажам како ќе ја докажам својата невиност, но и дека не се плашам, ниту пак бегам. Нема начин на кој можат да ги затворат моите идеи. Моето срце се состои од вашите срца, ќе чука за милион срца. Нема корист да се мисли дека ќе ме запрат“, изјави Лула, остро критикувајќи го Врховниот федерален суд.
Неговите поддржувачи го спречија со возило да го напушти просторот на зградата на Синдикатот и да се предаде на федералната полиција. Околу 18.45 часот по локално време, Лула излезе од зградата и ѝ се предаде на полицијата.
По извршениот лекарски преглед, со авион на федералната полиција, кој го чекаше на аеродромот „Конгоњас“, пренесен е во затворот во Куритиба.