Sena Güler
19 Октомври 2020•Ажурирај: 19 Октомври 2020
ЛЕФКОСА/АНКАРА (АА) - Премиерот Ерсин Татар победи во вториот круг од претседателските избори во Турската Република Северен Кипар со освоени 51,74 отсто од гласовите, според неофицијалните резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нарин Ферди Шефик, челничката на Врховната изборна комисија, соопшти дека Татар, претседателски кандидат од Партијата за национално единство, победил во вториот круг на гласање.
„Независниот кандидат Мустафа Акинчи, актуелниот претседател на островот, освои 48,26 отсто од гласовите“, рече Шефик, додавајќи дека официјалните податоци ќе бидат објавени подоцна.
Татар ѝ се заблагодари на нацијата и рече дека е важно да се води земјата кон добри денови со единство.
„Кипарските Турци го заслужуваат најдоброто од сè. Јас ќе го одржам ветувањето. Ќе бидам претседател на сите“, нагласи Татар.
- Кој е Ерсин Татар?
Татар е роден во Лефкоса во 1960 година. Средно училиште завршил во Велика Британија и дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Кембриџ“ во 1982 година.
Татар работеше во британската ревизорска компанија „Прајс Вотерхаус“ меѓу 1982 и 1991 година.
Додека не го основаше првиот приватен телевизиски канал, „Канал Т“, во Турската Република Северен Кипар во 1996 година, Татар работеше во различни фирми во Велика Британија и Турција, меѓу кои и како генерален координатор на „Шоу ТВ“ во Истанбул во периодот помеѓу 1992 - 2001 година.
Во 2003 година, Татар се врати во својата земја и ја започна политичката кариера во Партијата за национално единство. Тој беше избран за пратеник од Лефкоса на предвремените општи избори на 19 април 2009 година.
Беше назначен за министер за финансии на 4 мај 2009 година за време на владеењето на Дервиш Ероглу и ја продолжи функцијата во Владата на Ирсен Кучук во 2010 година.
Тој уште еднаш беше избран за пратеник на предвремените општи избори во 2013 година и беше на функцијата претседател на Комисијата за економија, финансии, буџет и планирање.
По трет пат, Татар беше избран за пратеник на предвремените општи избори во 2018 година. Истата година, тој стана и претседател на партијата по повлекувањето на неговиот ривал Хусеин Озгургун од трката во вториот круг.
Минатата година во мај, Татар стана премиер на земјата и ја предводеше коалициската Влада на Партијата за национално единство и Народната партија.
- Претседателски избори -
Во првиот круг од изборите одржани на 11 октомври, Татар водеше со 32,34 отсто освоени гласови, додека противкандидатот Акинџи беше втор со 29,80 отсто.
Бидејќи никој од 11-те кандидати што ја започнаа претседателска трка не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, Татар и Акинџи продолжија во вториот круг.
Врховната изборна комисија соопшти дека излезноста на гласачите е 61,03 отсто заклучно со 17 часот по локално време.
Во првиот круг од изборите излезноста изнесуваше 58,29 отсто, што е најмала излезност на претседателски избори досега.
Над 199.000 регистрирани гласачи имаа право да гласаат во 738 гласачки кутии.
Кипарските Турци гласаат 10-ти пат од 1974 година за избор на претседател на земјата за петгодишен мандат.
Од воениот удар во 1974 година, кој имаше за цел анексија на Кипар од страна на Грција, островот е поделен на Влада на кипарските Турци на север и Администрација на кипарските Грци на југ.
Турската воена интервенција го запре повеќегодишното прогонство и насилство врз кипарските Турци од страна на ултранационалистичките кипарски Грци.