Ekipa
17 Септември 2017•Ажурирај: 18 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ќе присуствува на 72. Генерална дебата на Генералното Собрание на Обединетите нации, коешто ќе се одржи од 17 до 23 септември, во седиштето на ОН во Њујорк, САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од Владата на РМ, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе присуствува на свеченото отворање на работата на Генералното Собрание на 19 септември, и ќе има свое обраќање на пленумот на Генералната дебата на 22 септември.
Премиерот Заев, за време на оваа работна посета на ОН и на САД, ќе биде придружуван од висока владина делегација составена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.
„Премиерот Заев ќе настапи со свое излагање на тематската конференција „Отворено владино партнерство“, и ќе учествува во работата и на други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади, со кои ќе претседаваат Претседателот на Франција Емануел Макрон, потпретседателот на САД Мајк Пенс, Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон и Министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендер“, стои во соопштението на Владата на РМ.
Како што се истакнува, за време на Генералното Собрание на ОН, претседателот на Владата на Република Македонија ќе има работна средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и други билатерални средби, меѓу кои и со премиерката на Норвешка и премиерите на Малта и на Белгија.
Според Владата, на агендата се и средби на премиерот Заев со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Претседателот на Владата на РМ, заедно со владината делегација, ќе присуствува и на други средби и приеми, на кои ќе присуствуваат или ќе бидат домаќини: претседателот на САД, Доналд Трамп, премиерот на Јапонија Шинзо Абе, како и премиерите или министрите за надворешни работи на Германија, Хрватска, Виетнам и Непал.
Како што се истакнува од Владата на РМ, во рамките на посетата на Њујорк, премиерот Зоран Заев ќе оствари средби и со претставници на дијаспората на РМ во САД и со бизнисмени, ќе говори пред реномираниот Совет за надворешни односи, а ќе учествува и на Глобалниот бизнис форум на Блумберг, на кој ќе учествуваат шефови на држави и влади, како и претставници на најголемите светски компании.
За време на одржувањето на 72. Генерално собрание на ОН, министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе оствари билатерални средби со министрите за надворешни работи на Ирска, Естонија, Канада и Индонезија, како и со претставници на министерството на Мексико и на Стејт Департментот, и други средби, се вели во соопштението на Владата на РМ.