Rabia İclal Turan
29 Јануари 2023•Ажурирај: 30 Јануари 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Демонстрантите излегоа на улиците низ САД откако полицијата објави снимка од приведувањето и смртоносното претепување на Афроамериканецот Тајр Николс во американската сојузна држава Тенеси, известува Агенција Анадолија (АА).
Стотици демонстранти го затворија мостот „Интерстејт 55“ во Мемфис, каде што се случи приведувањето, со барање правда за 29-годишниот Афроамериканец кој почина на 10 јануари, три дена по неговото приведување.
Демонстрантите се собраа во паркот „Вашингтон сквер“ и маршираа до Тајмс сквер во Њујорк.

Носеа транспаренти на кои пишуваше „Ставете крај на полицискиот терор“ и извикуваа „Нема правда, нема мир“.
Во Вашингтон, група демонстранти се собраа на плоштадот Лафајет пред Белата куќа, барајќи да се стави крај на „полицискиот терор“.
Американскиот претседател Џо Бајден апелираше луѓето мирно да протестираат, повикувајќи ги „да не прибегнуваат кон насилство или уништување“.
На објавената снимка се гледа како петмина, сега веќе поранешни полицајци на Полициската управа на Мемфис, го запираат Николс.

Полицајците го фрлаат на земја, обидувајќи се да му стават лисици пред да избега.
Подоцна е фатен и претепан.
Се слуша како Николс довикува „мама“ додека полицајците го удираат со раце и нозе по лицето и користат солзавец и гумена палка.