Elena Teslova
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
МОСКВА
„Рускиот претседател, Владимир Путин, разговараше за можно решение на ситуацијата во источна Украина со својот украински колега, Владимир Зеленски“, објави Кремљ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се истакнува дека Путин и Зеленски разговарале телефонски за понатамошните чекори во правец на изнаоѓање решение за регионот.
Путин го повика Зеленски да се стави крај на гранатирањето од страна на украинските трупи врз населените места во Донбас, со цел деескалација на ситуацијата.
„И Путин и Зеленски ја потврдија клучната важност на конзистентната имплементација на договорите од Минск, вклучително и правните аспекти на доделувањето посебен статус на спорните региони“, се додава во соопштението.
„Во овој контекст забележана е потребата од конструктивен дијалог меѓу страните, и во рамките на Контактната група во Минск“, се нагласува.
Двајцата лидери се согласиле поактивно да се работи на изнаоѓање договор за размена на притвореници и за испитување на можноста за работа во Нормандинскиот формат од 2014 година помеѓу Германија, Русија, Украина и Франција.
Од своја страна, Зеленски на прес-конференција во Киев изјави дека итно го побарал Путин поради бомбардирањето на регионот Донбас. Украина ги обвинува проруските бунтовници, а Русија ги обвинува украинските трупи за гранатирање во проблематичното подрачје.
„Само што разговарав со рускиот претседател Владимир Путин утрово за ова прашање. Итно му се јавив и му реков дека тоа не нè прави поблиску до мирот. Барам од вас да влијаете на другата страна за да престане убивањето на нашиот народ“, рече тој.
Зеленски вети дека ќе контактира со лидерите на Нормандиската четворка со цел да изврши притисок за решавање на прашањето за источна Украина.
Двете земји немаат добри односи од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим по спорниот референдум.
Генералното собрание на ОН, вклучително и Турција, сметаат дека анексијата е нелегална.
Украина, исто така, го обвини Кремљ за сепаратистичко насилство во источна Украина, во близина на границата со Русија.