Ahmet Dursun
09 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - За време на состанокот на иранскиот претседател Хасан Рохани и рускиот лидер Владимир Путин, одржан во Кина, истакнато е дека Иран и Русија ќе продолжат со соработката на подрачјето на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Кабинетот на претседателот на Иран е наведено дека Рохани и Путин се состанале во кинескиот град Квингдао, во рамките на состанокот на лидерите на Шангајската организација за соработка.
Рохани и Путин за време на состанокот ја нагласија важноста на продолжението на соработката на подрачјето на Сирија.
„Иран и Русија имаа успешна соработка кога станува збор за борбата против терористичките организации во регионот, и таа соработка ќе продолжи“, кажано е за време на состанокот.
Рохани се осврна и на одлуката на САД за излегување од Договорот за нуклеарната програма со Иран. Според зборовите на Рохани, ваквиот чекор на САД е противзаконски со оглед на тоа што Иран ги исполни ветувањата кои ги даде со овој договор.
Тој додаде дека Русија има многу значајна улога кога станува збор за заштита и имплементација на тој договор.
Рускиот лидер Владимир Путин го изрази своето задоволство поради подобрувањето на односите меѓу двете земји, првенствено во областа на економијата.
Путин, исто така, констатираше дека едностраната одлука на САД за повлекување од Договорот за нуклеарната програма е во спротивност со меѓународното право, и дека Русија ќе продолжи да вложува напори за заштита на Договорот.
Путин додаде дека соработката на Русија и Иран за прашањето за Сирија ќе придонесе за јакнење на стабилноста во регионот.
„Ќе продолжиме со регионалната соработка во контекст на барање решение за сириското прашање“, изјави Путин, и додаде дека неговата земја го поддржува полноправното членство на Иран во Шангајската органзација за соработка, во која оваа земја има статус на земја набљудувач.